Значењето и слабостите на делото на Роџер Браун „Прв јазик: раните фази“

Познат по своите интереси за тоа како детето го учи јазикот и како зборовите ги означуваат нештата, Роџер Вилијам Браун (Roger William Brown 1925–1997), американски психолог, лидер на социјалната психологија, основач на развојната психологија и пионер во проучувањето на процесот на усвојување на јазикот кај децата, се зафатил за голем проект со цел да го истражи лингвистичкиот развој на децата.

 

Труд објавен во списанието на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на РМ „Литературен збор“ 4–6, 2013, 47

Автор: Билјана Никовска

Познат по своите интереси за тоа како детето го учи јазикот и како зборовите ги означуваат нештата, Роџер Вилијам Браун (Roger William Brown 1925–1997), американски психолог, лидер на социјалната психологија, основач на развојната психологија и пионер во проучувањето на процесот на усвојување на јазикот кај децата, се зафатил за голем проект со цел да го истражи лингвистичкиот развој на децата. Од лонгитудиналната студија (вид на истражувања во кои се следи јазичниот развој на едно дете во процесот на неговото растење) фокусирана на три деца – познатите Адам, Ева и Сара, произлегле низа фундаментални откритија за развојните фази на јазикот, а студентите вклучени во проектот продолжиле да дејствуваат како главни фигури во тоа поле децении потоа. Своите пронајдоци од овој проект Браун ги испечатил во 1973 година во книгата Прв јазик: раните фази

Треба да се напомене дека Браун, во поглед на теориските пристапи, е приврзаник на ставот дека решението не треба да се бара во рамките на еден единствен модел (лингвистичко-нативистичкиот, бихевиористичкиот, когнитивниот, социјално-интерактивниот или во рамките на конекциските модели/моделите на паралелно дистрибутивно процесуирање), туку на проблемот треба да му се пристапи интердисциплинарно, што значи јазикот да се проучува во корелација со социјалниот и когнитивниот развој. Ова сфаќање го има уште кај Виготски, а Роџер Браун се надоврзува, истражувајќи го усвојувањето на јазикот во контекст на когнитивната социјализација (Гочкова 2005). 

Споменатата книга на Браун се фокусира на две фази од процесот на учењето на примарниот јазик кај децата. Тоа се првите фази од петте што ги идентификува. Секоја фаза одговора на она што го смета Браун за главен процес во реченичната конструкција и во  разбирањето, а фазата го добива името од процесот што доминира (Brown 1973: 180). „Петте фази го формираат јадрото на англиската реченична конструкција и... на јазикот општо“ (Браун 1973: 32). За ограниченоста на фокусот на истражување (синтаксичкиот и семантичкиот) му  забележуваат оние што се заинтересирани за сите аспекти од почетните фази на јазикот при неговото усвојување. Од друга страна, поради детаљноста, оваа „некомплетност“ се оправдува како разбирлива (Atkinson – King, Review).

Фазите што Браун ги идентификува хронолошки не одговараат на годините на детето (Гочкова во Психолингвистика, на стр. 50, забележува дека во литературата еден од параметрите за определување на детското јазично напредување е возраста, кој се надополнува со параметарот средна должина на исказот ), туку одговараат на средната должина на исказот (MLU - mean length of utterance), т.е. на бројот на морфеми  што може да ги изговори детето во одредена фаза од развојот.

Прв јазик: раните фази, издадена во 1973, произведе голем број провокативни генерализации, иако не објасни докрај како го усвојуваат јазикот децата. И покрај тоа што беше општо познато дека децата го усвојуваат јазикот во различни степени, податоците открија дека овие степени се разликуваат помалку кога синтаксичкото достигнување на секое дете е поврзано со средната должина на исказите на децата, т.е. просечниот број на морфеми во голем број искази. Оваа мерка – средната должина на исказот – стана стандарден индикатор на статусот на детето во усвојувањето на англискиот јазик.“ (Kagan 1997)

Браун и неговите студенти откриле и дека, и покрај тоа што децата користат скратени искази како „dolly sit“ (кукла седи) или „hit cup“ (крши чаша), нивниот мозок содржи комплексни искази, само што тие не можат да ја изразат целата идеја јазично. Браун, исто така, забележал значителна еднаквост во редоследот на усвојување на морфемите во англискиот јазик. На пример, наставката за разликување на третото лице еднина кај глаголите (come : comes) децата ја усвојувале подоцна за разлика од истата наставка кај именките. Прашањата од типот: Тој може да игра, нели? (He can play, can't he?) децата ги усвојувале многу подоцна, затоа што овие реченици бараат граматички комплексен процес на инверзија, негација и елипса. Наспрема популарните ставови дека детето ја усвојува граматиката на основа на принципот на награда и казна, новите откритија наведувале на тоа дека детето ја усвојува синтаксата на својот  јазик потпирајќи се на своите когнитивни (мисловни) способности и процеси, кои, во тоа време, не биле доволно разбрани и претставувале основна енигма на развојната психолингвистика (Kagan 1997).

Структура на делото

Книгата претставува обемен труд од 436 страници (Harvard University Press Cambridge Massachusetts, Seventh Printing 1978), составен од четири дела: вовед од 57 страници, заклучок од 11 страници и два централни дела што се однесуваат на двете рани фази. Во нејзините рамки се додадени уште и детален индекс и библиографија.

Ги опфаќа првите две (раните) од вкупно петте фази од развојот на јазикот кај децата  што ги идентификува авторот. Првите фази се обработени во овој том, а другите три требало да следуваат во друг том, но тој труд не е издаден. (Brown1973: 4) Фазите одговараат на петте аспекти од реченичната  конструкција и на  значењето што го носи конструкцијата. Овие аспекти Браун ги предлага за универзални.

Во Воведот дава краток преглед на петте аспекти нагласувајќи дека ќе се задржи на реченичната конструкција и на значењето (на синтаксата и морфологијата), исклучувајќи ги фонетскиот, фонолошкиот и лексичкиот развој на јазикот. Сметам дека е можно морфологија и значење да ги користи паралелно поради негвата определба да го проучува детскиот израз преку усвојувањето на морфеми, а изборот на морфемите го врзува со модулациите (разликите) во значењето на исказот (моја заб.). Авторот ги објаснува своите намери, цели, одлуки и генерални насоки што ќе ги застапува во делото: „Петте главни процеси на реченичната конструкција се опишани во семантичка и во синтаксичка смисла, и со примери од англискиот и од јапонскиот јазик... Предлагам овие пет процеси да го сочинуваат јадрото на англиската реченична конструкција и, со извесни разлики во синтаксата и значењето, на јазикот воопшто.“( Brown1973: 32), а потоа се задржува на секој аспект во засебни подделови од Воведот, и тоа:

Пет аспекти на реченичната конструкција

  1. Односите или функциите во простата реченица (Relations or roles within the Simple Sentence при што со „roles“ означува „semantic role such as agent, patient, instrument, locative, etc., in simple sentences expressed by linear order, syntactic relations, prepositions or postpositions“, Brown 1973:32);
  2. Разлики на значењето на простата реченица (Modulations of Meaning within the Simple Sentence означувајќи „semantic modulations such as number, specificity, tense, aspect, mood, etc., expressed by inflections of free forms belonging to small closed classes“, Brown, 1973: 4);
  3. Модални каркатеристики на простата реченица (Modalities of the Simple Sentences означувајќи „yes-no interrogation, request for specification of a constituent, negation, imperative“, Brown, 1973: 4);
  4. Вградување на една реченица во друга (Embedding of One Sentence within Another означувајќи „еmbedding of one simple sentence as a grammatical constituent or in a semantic role in another including all the roles of 1, all the constituents which one may ask to be specified in 3, Brown, 1973: 4);
  5. Координација на простите реченици и значенските односи (Coordination of simple Sentences and Propositional Relations означувајќи „coordination of full sentences or of partially identical and partially distinct (but structurally matched) sentences with deletion of one representation of the identical stretches. The coordinated sentences appear with connector words that approximate in meaning to relations of propositional logic, Brown, 1973: 4).

Откако ќе се осврне на аспектите, ги сумира накратко достигнувањата од експериментот со шимпанзата Вашоу (анг. Washoe) и Сара (анг.Sarah) и од студијата со трите деца, Адам, Ева и Сара:

„На што, всушност, се однесува оваа книга?... Таа се однесува на знаењето; знаењето за граматиката и значењето кодирано со граматиката... Книгата првично презентира доказ дека ваквото знаење се развива во слични непроменливи форми кај сите деца, само во различни степени. Содржи и докази дека примарните детерминанти на редоследот се релативната семантичка и граматичка комплексност (в. подолу кумулативна граматичка комплексност).“ (Brown 1973: 58)

На крајот од воведот, на една страница, го дава планот на претходно сумираната работа.

Браун ги зема предвид главните прашања релевантни за полето на истражување, внесува низа нови видувања и, како надополнување на неговата работа, се осврнува на дотогашните истражувања во полето на усвојување на јазикот. Најголемиот дел од податоците се од неговата лонгитудинална студија на спонтаниот говор на трите деца, Адам, Ева и Сара. Дополнителни податоци, особено за првата фаза, добива од истражувањата на други истражувачи на англискиот јазик, но и на други јазици, како: финскиот, германскиот, луо-јазиците (група јазици што  се зборуваат во Судан, Уганда, Кенија и Чад), самоанскиот јазик (официјален јазик во Самоа и Американска Самоа, подгрупа на полинезиските јазици) и други. Според некои критичари, тоа што не дава објаснување за голем дел од стручните термини, претпоставува дека читателот треба да има претходни јазични познавања и основно познавање од генеративно-трансформативната граматика, како и поспецифичен интерес за развојот на семантичките и граматичките односи. 

За проширување на сфаќањата за граматичките механизми и за значењето на речениците, го користи споредбениот метод, анализирајќи ги состојбите во англискиот и во јапонскиот јазик, но и во други јазици погоре споменати. Го користи овој пристап за да дојде до универзални хипотези. Тоа го прави и заради изделување на формата од значењето и олеснување на разбирањето на граматиката.

Фаза I – Семантички улоги и граматички односи

Првата фаза е поврзана со усвојувањето на основните семантички улоги и граматички односи (на првите комбинации од два збора кај децата), наспрема повеќето дотогашни истражувања на детскиот говор, кои биле фокусирани на формата.

Во овој дел Браун се задржува на функцијата и на содржината на детскиот говор, и на изнаоѓањето соодветни модели применливи на детскиот говор. Освен податоците од моделот применет на:Адам, Ева и Сара, тој овде објснува дека ќе ги користи и податоците од работата со други деца при усвојувањето на англискиот и на други јазици. Во овој дел ги промовира и мерките за граматичкиот развој, т.е за едноставно мерење на синтаксичката комплексност - средната должина на исказот (анг. themean length of utterance – MLU) и должината на најдолгиот исказ (анг. the longest utterance, upper bound – UB). Правилата за нивно пресметување ги дава во табелата 7 (Brown1973: 54). Поделбата на усвојувањето на јазикот на пет фази ја прави на основа на овие мерки.

Заради усвојување на универзални хипотези, Браун применува споредување на податоците од усвојувањето на различни јазици (табелите 9 и 10 во книгата содржат податоци за имињата на: децата, полот, просечната должина на исказот, возраста, карактеристики за податокот – колку време е следен говорот на детето, кој го следел и на кој начин, името на истражувачот и јазикот, и тоа на: американски англиски, англиски, фински, шведски, самоански, шпански, луо, јапонски, кореански, германски и француски).

Во првата фаза Браун го зема предвид телеграфскиот говор, кој се покажал како недоволен. Телеграфскиот говор го карактеризира говорот во првата фаза како говор што се состои од полнозначни зборови и испуштање на службените зборови. На пример: „Дај вода!“, со значење „Би сакал една чаша вода веднаш!“ Но, следењето покажало дека и во првата фаза се појавуваат службени зборови и флексии, карактеристични за јазикот на возрасните (Браун 1973: 110).

Така, Браун и неговите соработници почнале да ги опишуваат исказите од два збора од семантички аспект. Како резултат на тоа идентификувана е групата од основни семантички односи, кои ги изразуваат детските (двозборовни) искази (Браун: 1973, 173): 

  1. вршител и дејство: mommy come, daddy sit;
  2. дејство и предмет: drive car, eat grape;
  3. вршител и предмет :mommy sock, baby book;
  4. дејство и локација: go park, sit chair;
  5. ентитет и локација: cup table, toy floor; (еntity го користи „за да ги избегне алтернативите како субјект или именски збор“, Браун 1973: 195);
  6. оној што поседува и она што е поседувано: my teddy, mommy dress;
  7. ентитет и атрибут: box shiny, crayon big и
  8. показен збор и ентитет: dat money; dis telephone.

Кога децата почнуваат да ги комбинираат зборовите тие посочуваат на предметите, ги именуваат, ја посочуваат нивната локација, какви се, кој ги поседува и кој прави нештосо нив. Исто така, зборуваат за постапки изведени од луѓе и за предметите и локацијата на овие постапки. Браун посочува дека  ова се концептите  што научува да ги разликува детето до крајот на сензомоторната фаза (според теоријата за когнитивниот развој на Пијаже, фаза од развојот на детето од неговото раѓање до усвојувањето на јазикот).

Браун во овој дел од книгата покажува дека го фаворизира пристапот што го следи збороредот. Тој забележал дека кога учи англиски, детето, во основа, го користи вообичаениот редослед на зборовите. Што се однесува до другите јазици, во кои збороредот не е толку важен колку во англискиот, усвојувањето на јазикот, во првата фаза, може потешко да се следи.

Меѓу заклучоците до кои доаѓа, по истражувањата за оваа фаза (Браун1973: 244), се и тие дека:

  • главна задача за сите деца во првата фаза е да научат да изразуваат мала група семантички односи и комбинации од нив. За ова зема примери од неколку јазици и покажува дека група од единечни семантички односи (меѓу 8 и 15)  важи за повеќето детски искази во оваа фаза;
  • невозможно e да се создаде потполно експлицитна граматика за оваа фаза од развојот на јазикот кај децата;
  • во оваа фаза е тешко да се најде начин да се испита дали граматичките односи се вродени или се научени;
  • детето во оваа фаза е „адаптирано добро“ на комуникативните цели, но е „адаптирано ограничено“; во ново опкружување, ќе се соочи со проблеми. Детето што ќе излезе од познатата зона на комуницирање, ќе мора да го прошири својот говор и да го адаптира.

Фаза II – Граматички морфеми и разлики на значењето

Овој дел од книгата се занимава со граматичките морфеми и со разликите на значењето на исказот. Фокусот е насочен на усвојувањето на 14 граматички морфеми од англискиот јазик, кои ги избрал за детаљната студија и за кои се обидел да докаже дека се усвојуваат во одреден фиксен и универзален редослед, и тоа: 

1. наставката-ing: singing; playing; 2./3. предлозитеin: in the cup и on: on the floor; 4. множинската наставка  -s: books, dolls; 5. формите за минатост на неправилните глаголи:broke, went; 6. посесивното 's: Mommy’s chair, Susie’s teddy; 7. глагол-врска (што не се крати): This is my book; 8. членовитеa и the: the teddy, a table 9. формата за минатост на правилните глаголи со наставката -ed: walked, played; 10. трето лице сегашно време (правилна форма): he climbs; 11. трето лице сегашно време (неправилна форма): John has three cookies; 12. помошен глагол (што не се крати): She was going to school; Do you like me? 13. глагол-врска (што се крати): I’m happy, You’respecial и  14. помошен глагол (што се крати): Mommy’s going shopping.

Ги наведуваме и во оригинал:
1. Present progressive, 2./3. in, on, 4. Plural, 5.Past irregular, 6.Possessive, 7.Uncontractible copula, 8.Articles, 9.Past regular, 10.Third person regular, 11.Third person irregular, 12.Uncontractible auxiliary, 13.Contractible copula, 14. Contractible auxiliary (Brown 1973: 274, Table 38)

Браун го испитал секој исказ за да види дали е потребна некоја од овие морфеми за исказот да биде целосно граматички според стандардите на јазикот на возрасните, во лингвистички и во нелингвистички контекст. На пример, кога дете ќе покаже некоја книга и ќе рече that book  (таа книга), Браун заклучува дека исказот би требало да содржи 's/is и да го содржи членот а. Потоа, проверил колку од овие задолжителни позиции за секоја морфема биле пополнети со соодветната морфема во различна возраст.

Усвојувањето (дефинирано со возраста на која морфемите се употребени во 90% на своите задолжителни позиции) било значително константно кај сите три субјекти во студијата на Браун. 

Зошто Браун ги проучувал овие морфеми?
Неговите критичари сметаат дека ова го прави, веројатно, затоа што тие морфеми на почетокот се испуштаат или, можеби, затоа што сакал да ја тестира хипотезата дека децата ја учат граматиката од возрасните. Браун дошол до сознание дека честотата на изложеност на говорот на возрасните не е пресудна. На пример, возрасните користеле членови многу почесто од предлози, но децата ги усвоиле овие морфеми по обратниот редослед (прво предлозите, па потоа членовите).

Kој е редоследот на усвојување на овие морфеми?
Браун открива дека ниедна од овие морфеми не се усвојува одеднаш, ниту се совладуваат сите до крајот на втората фаза. Сите се употребуваат само во одреден период во контексти што ги наложуваат, со фреквентност на употреба што со време се зголемува. 
Заклучува дека во случајот со Адам, Ева и Сара, редоследот на усвојување на овие морфеми е релативно непроменлив. Овој заклучок го проверува споредувајќи ги резултатите со други деца што учеле англиски и други јазици иако било тешко да се споредува овој редослед на морфеми со други јазици поради различните механизми со кои функционираат истите морфеми во другите јазици.

Што го одредува редоследот на усвојување на четиринаесетте морфеми?
Браун посочува дека за усвојување на редоследот на морфемите е најважна лингвистичката комплексност, т.е. семантичката комплексност (бројот на семантички карактеристики кодирани во конструкцијата) и синтаксичката комлексност (бројот на правила што се бараат). На пример, is во This is my book содржи информација за број и за време. Овие два типа на комплексност се во блиска корелација и го одредуваат редоследот на усвојување на морфемите. 
Браун предлага закон за кумулативна комплексност (анг. Cumulative complexity) како поприфатлива алтернатива за мерење на граматичката и на семантичката комплексност т.е. x + y е покомплексно од х и у, што значи дека дете што може да произведе х или у самостојно лесно ќе произведе х + у, но не и обратно (Brown 1973: 186).
Формулата за граматичка и семантичка кумулативна комплексност е применлива и во двете фази и е најважниот фактор во усвојувањето на редоследот.
Последните две области со кои се занимава во Фаза II се: 

  • проблемот на сегментирање – смета дека поради грешки во делењето, 14-те морфеми понекогаш не се третираат како одделни.
  • појавата на условеност на 14-те морфеми во детскиот говор од променливи, а не од категорични правила – учењето на правилата за усвојување на морфемите го гледа повеќе како „постепена промена во можностите, отколку како ненадејноусвојување на општите правила“ (Brown 1973: 388).
    Уште една важна промена што се случува во втората фаза е тоа што, како морфемите добиваат на комлексност, детето почнува да комбинира две или повеќе од основните семантички односи од првата фаза (пр. Adam hit ball:  вршител+дејство+предмет).

Заклучок

Браун не се обидува да ги опише сите области од раните фази во усвојувањето на јазикот, туку се фокусира на граматичките и семантичките односи во реченицата изразени главно со полнозначни зборовии на граматичките морфеми, кои го модулираат нивното значење. На сметка на стеснетиот фокус, тој ја прави анализата исцрпна. Притоа, доаѓа до два главни пронајдоци поврзани со детските искази составени од два збора и тие ги опишува во делото (Packer 2001):

  • Прво, организацијата на првите зборовни комбинации не може да се опише од чисто синтактички аспект. Браун и неговите соработници морале да ја сменат насоката на истражувањето. Синтактичките описи не биле доволни. Со други зборови, Фаза I не можела доволно да се објасни со телеграфскиот говор. 
  • Второ, во првите фази „група на мали зборови и флексии почнува да се појавува: неколку предлози, особено in и on, повремено членот, повремено am, is или are, множинската и посесивната наставка кај именките, -ing, морфемата  показател на минатост, и на сегашност во трето лице еднина кај глаголот. Сите овие... почнуваат да се развиваат меѓу... именките и глаголите, на кои првата фаза е во голема мера ограничена“ (Brown 1973: 249).

Што му се признава, а што му се забележува?

Генерално, критиката го оценува делото како детаљна анализа на предметот што го проучува, резултат на посветен децениски труд, кој отвора пат за лингвистичките истражувања што следуваат. Му се признава и тоа дека проектот промовира откритија, кои остануваат долго по него во основата за психолонгвистички истражувања. 
Во посмртниот напис за Браун, Стивен Пинкер (Pinker 1998) му оддава почит, меѓу другото, набројувајќи и некои од неговите вредни достигнувања: 

  • Детскиот јазичен развој се одвива во различни степени кога се мери од аспект на нивната возраст, но е прилично униформен кога е поврзан со средната должина на исказот – според Браун, стандардна мерка за јазичниот развој во раните години кај децата од англиското говорно подрачје.
  • Првите зборовни комбинации кај децата изразуваат мала група семантички односи (опишани претходно во текстот).
  • Најголемиот дел од раните зборовни комбинации кај децата го следат збороредот на јазикот што го  усвојуваат.
  • Исказите од два или три збора на децата изгледаат како примери извлечени од подолги реченици што изразуваат покомплицирано значење. Децата, иако не можат да ги изразат мислите јазично како возрасните, тие во себе го поседуваат комплексното значење. 
  • Како што се развиваат, децата почнуваат да создаваат повеќе зборовни искази. Морфемите што ги испуштаат во двозборовната фаза, ги совладуваат и почнуваат да ги употребуваат во повеќе од 90% до крајот на петтата година. 
  • Во неколку области на граматиката, редоследот на усвојување на јазикот може да се предвиди со помош на кумулативната граматичка комплексност. Корелацијата меѓу редоследот на усвојување и граматичката комплексност, барем извесен период, ја претставувала психолошката реалност на граматичките теории од генеративната лингвистика.
  • Честотата на граматичките морфеми во говорот на родителите не е предуслов за редоследот на усвојување на морфемите, што покажува дека граматичкиот развој не е условен од говорот на родителите, ниту, пак, од потребата за комуникација. И без овие услови, децата, сепак, успеваат да ги усвојат.
  • Наспрема достигнувањата што му се признаваат, на Браун му се забележуваат одредени слабости во пристапот. Ќе споменам овде дел од нив, кои се наоѓаат во различни критички осврти за неговата работа (в. Литература – Child Ј.L., Packer):
  • Семантиката на која Браун посветува внимание е семантика на реченица што изразува исказна потврдност. Неговиот пристап се фокусира на реченицата во изолација и претпоставува дека значењето е кодирано во граматиката (дека граматиката е носител на значењето). Наспроти ова, критиката што му го забележува ова смета дека значењето зависи од јазичниот контекст, од говорителот, слушателот, условите во кои се зборува, од она што се подразбира, кои не се дел од реченицата.
  • Семантиката не е проблем само на реченицата, туку и на контекстуалните аспекти од јазикот; системот во целина е комплетно контекстуален. Прагматиката,  којашто е наука за употребата на јазикот во контекст, го докажува тоа. 
  • Тоа на што Браун се фокусира (семантиката и граматиката) е многу ограничено.
  • И самиот го потенцира проблемот да ги сопостави своите сознанија од истражувањето со состојбата во другите јазици (Brown 1973: 293). Проблемот го лоцира во непостоењето експлицитен критериум на усвојување (односно постоење критериуми различни од оној што го користи) и недостатокот на информации за семантичкиот и граматичкиот карактер на морфемите од истражувањата правени во другите јазици (Brown 1973: 298). Не треба да се занемари ниту фактот дека Браун е психолог, а не јазичар, и можноста токму оттаму да произлегува проблемот со сопоставувањето со другите јазици, како и површноста и ограниченоста во изборот на јазичните сфери, кои му се земаат за недостаток. Познато е дека почнал да работи и на другите фази (третата, четвртата и петтата), но не нашол доволно сили да ги заврши, поради исклучителната комплексност на проблематиката. Дури и оние што му ги признаваат неговите широки јазични познавања, особено неговата свест и подготвеност да ја признае својата јазична ограниченост кога се наоѓа на јазична подлога на која не се чувствува сигурно, го потенцираат фактот дека на моменти, во книгата, Браун непотребно зазема јазична позиција и дека токму ова се најслабите делови во неговата книга. (Child J. L. I, 289-334. Printed in Great Britain, Reviews – First volume of a journal: 300-305).
  • Од јазичен аспект, му се забележуваат и многу грешки од типот на лоша интерпункција или несоодветна употреба на запирките, испуштање на една заграда, што во одредени случаи внесува нејасност; необична реченична конструкција; ист ред печатен два пати или испуштање на цел ред и др.

Во својата суштина, книгата претставува одраз на целите, достигнувањата, слабостите и неуспесите на 60-тите години. Kритиката ја оценила како сложена студија за студентите, па останала да им користи многу повеќе на предавачите и потесно на специјализираните научни кругови. Едно е сигурно, дека студијата на Браун поставила добри основи за идните истражувачи на развојната психолингвистика, колку поради провокативните идеи и теории на авторот одразени во неа, толку и поради критичката оцена што ја содржи за дотогашните достигнувања во областа. Тоа што ја прави комплексен текст за читање и разбирање – детаљното анализирање на податоците, истовремено ѝ ја дава тежината да може неодминливо да им служи на идните и на продлабочените истражувања.

Литература
Гочкова,Т. 2005. Психолонгвистика. Скопје: Просветно дело

Atkinson – King, К. Review of Roger Brown’s book A first language: the early stages. Cambridge, Mass: Harvard University Press, 1973.  Starnberg, West Germany: Max Planck Institut für Verhaltensphysiologie

Brown, R. 1973. A first language: the early stages. Cambridge, Mass: Harvard University Press

Child J.L. Reviews – First Volume of a journal, I, 289-334, Printed in Great Britain

Kagan, J. BIOGRAPHICAL MEMOIRS Roger William Brown, April 14, 1925 — December 11, 1997: The National Academies Press, www.nap.edu/readingroom/books/biomems/rbrown.html

Packer, S. 2001. Two-word Utterances. Handout for Psy 598-02

Pinker, S. 1998. Obituary – Roger Brown, Cambridge, MA, USA: Department of Brain and Cognitive Sciences,Massachusetts, Institute of Technology

The psychologist Roger Brown died, The Harvard University Gazette, 15 Јan 1998, www.news.harvard.edu/gazette/1998/01.15/PsychologistRog.html