За антонимите во насловите на веб-порталот Офф.нет.мк

Во трудот, на основа на материјал (ограничен на насловите) ексцерпиран од содржините на веб-порталот Офф.нет.мк објавувани во текот на 2015 година на македонски јазик, се разгледува антонимијата како јазична појава. Прв импулс за проучување на насловите од овој веб-портал беше нивната креативност и уникатност (што може да се разработува во други пригоди).

 

Трудот е објавен во Зборникот од Деветтиот научен собир на млади македонисти - Конференција во чест на проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, Филолошки факултет „Блаже Конески“ - Скопје, 2018, 87-98

Автор: Билјана Никовска

 Апстракт: Во трудот, на основа на материјал (ограничен на насловите) ексцерпиран од содржините на веб-порталот Офф.нет.мк објавувани во текот на 2015 година на македонски јазик, се разгледува антонимијата како јазична појава. Прв импулс за проучување на насловите од овој веб-портал беше нивната креативност и уникатност (што може да се разработува во други пригоди). Овој труд се фокусира на антонимите поради впечатокот дека новинарите често се служат со оваа појава кога креираат наслов (што е забележано и во други медиуми на новинарскиот потстил) и поради впечатокот дека антонимијата во овој контекст не е многу проучувана во македонистиката. Анализата на антонимите од материјалот се фокусира на т.н. контекстуална антонимизација и на антонимијата на фраземско и на комуникативно рамниште по претпоставка дека тие се специфични за новинарскиот потстил. Предвид е земена сложеноста на антонимијата кога се дефинира во општи рамки (на што се должат и различните класификации на антонимите).

Клучни зборови: антоними, новинарски потстил, наслови, Офф.нет.мк

 

Спротивноста и антонимијата

Не е тешко да се заклучи дека човекот функционира, во голема мера, по принципот на контрасти: ден – ноќ, убав – грд, голем – мал, темно – светло, добро – лошо (Марш-Стефановска 1991, 137-138; Ралповска 2010, 73). Едни од првите јазичноизразени логички врски што ги прави детето се врските на спротивставување.[1] Како што се комплицира сфаќањето и дефинирањето на оваа логичка спротивност, така станува покомплексно поимањето и дефинирањето и на антонимите и на антонимијата, а со тоа и на нивната класификација.

           

            Имено, уште Д. Кристал предупредил дека со антонимите и со антонимијата треба да се  биде внимателен (Crystal 2003). Во делот од Научната конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, одржана во Охрид во 2011 година (Научна конференција XXXVIII 2012, 151-337), посветен на антонимијата во јазикот, повеќето од излагачите, покрај основната дефиниција за антоним, додаваат дека терминот опфаќа нешто многу повеќе од само „збор со спротивно значење“, меѓу другото, затоа што, контроверзно е колку типови спротивности можат да се разликуваат во семантичката анализа (Тантуровска 2012, 152). Ваквото пошироко поимање на термините антоним и антонимија,  коешто произлегува директно од првичното поимање дека антоним е збор со спротивно значење (кое само на прв поглед изгледа јасно и прецизно), отвора простор за нови и продлабочени проучувања.

 

Дефинирање на антонимите

           

Од многуте дефиниции за антонимите дадени во лексиколошките трудови (во македонистиката и пошироко), во оваа пригода ќе бидат спомнати дефинициите што ги дале Лилјана Минова-Ѓуркова (2003, 186) и Рајна Драгиќевиќ (2007, 265). Имено:  Антонимијата се дефинира како лексичко-семантичка категорија базирана на спротивните значења на две единици, а нејзината основа ја прават спротивни поими и тоа во поглед на некоја особеност или противставена насоченост, определена со родски поим. (Ѓуркова 2003, 186) Општопознатата дефиниција на лексичките антоними гласи дека тоа се зборови со спротивно значење. Но, како што не е сосема јасно што е истозначност, а што блискозначност, така е многу сложено да се одреди кој однос меѓу лексемите можеме да го наречеме спротивен.[2] (Драгиќевиќ 2007, 265)

Oвие две дефиниции ги содржат двете општоприфатени сознанија за антонимите според кои е водено истражувањето за овој труд. Првото сознание е сознанието дека антонимите се зборови со спротивно значење. Второто е дека спротивноста може да биде најразлично сфатена и дека од нејзиното дефинирање, всушност, зависи како ќе им се пристапи и на антонимите, т.е. кој однос ќе биде сфатен како спротивен и за каква спротивност може да се зборува. Притоа, односот на спротивност може да се разгледува независно и зависно од контекстот (во оваа пригода акцентот ќе биде ставен на антонимите во контекстот).

За антонимите во насловите на веб-порталот Офф.нет.мк

Истражувањето на антонимијата во наслови од новинарскиот потстил на публицистичкиот стил[3] во македонскиот јазик покажа честа употреба на антоними.

Насловот е вратата на новинарскиот текст, влез во просторот на информацијата, кој го носи со себе најважното од информацијата. По фотографијата, тој е веројатно следното што се забележува визуелно пред да се премине на читање на текстот, ако читањето не се сведе само на насловот. Оваа прва спонтана асоцијација ја дополнуваат редица различни, слични или изменети интерпретации на многуте негови проучувачи.[4]

Прв импулс за проучување на насловите од веб-порталот Офф.нет.мк беше нивната креативност и уникатност (кое може да се разработува во други пригоди). Но, овој труд се фокусира на антонимите во насловите поради впечатокот дека новинарите често се служат со оваа појава кога креираат наслов (што е забележано и во други медиуми на новинарскиот потстил) и поради впечатокот дека антонимијата во овој контекст не е многу проучувана во македонистиката.

Овде ќе бидат разгледани само контекстуалната антонимизација, со други имиња позната и како оказионална, авторска или автоними неологизми (Велковска 2011) и антонимијата на фраземско и комуникативно рамниште, по претпоставка дека тие се специфични за новинарскиот потстил.

Контекстуалната антонимизација во насловите на Офф.нет.мк

Контекстот е средство со помош на кое и лексемите, коишто изворно не се во некој однос, можат да остварат однос (Драгиќевиќ 2007, 286-288)[5]. Контекстот може да го одреди функционалниот стил, но контекстот може да го одреди и авторскиот стил, т.е. авторскиот стил може да се изрази во контекст на некој функционален стил. Порталот Офф.нет.мк (неговите автори или уредничката политика) има специфичен „авторски стил“, којшто се реализира во рамките на новинарскиот функционален потстил. Од аспект на зависноста од контекстот, антонимите можат да бидат независни од контекстот[6] или зависни од контекстот[7]. Од истражуваниот материјал, значителен е бројот на наслови кои, според своите особености, се вбројуваат во групата на антоними зависни од контекстот. Во продолжение се изложени неколку примери:

  1. Вештачки засладувач vs. шеќер, 7.2015, Набрзинка

Во конкретниот контекст, овие лексеми се антоними по добро – за (вештачките) засладувачи и лошо – за шеќерот. За остварување на антонимната врска во овој случај, на лексемата „засладувач“ неопходна ѝ е придавската определба „вештачки“.

  1. Иван исцелител ги решава мистериите, љубовните маки и ситуациите на балканските и светските ѕвезди, 5.1.2015, На дното

Контекстот ги спротивставува лексемите балкански и светски со значењето наше, блиско, наспрема странско, подалечно. Слично  е и во насловот со бр. 3:

  1. Ова е македонско газенце, не е странско, 1.2015, На дното

Во контекстот на насловот со бр. 4, „мал чекор“ / „голем чекор“ добиваат значење на нешто со помала важност наспрема нешто со голема важност.

  1. Мал чекор за Фејсбук, голем чекор за Фејсбук човештвото, 21.1.2015, Интернет

Насловите Џукела и коњи версус магаре и куче и Татко на денот, шупак на векот се примери со вкрстени антоними (џукела – куче, коњ – магаре; татко – шупак, денот – веков).

  1. Џукела и коњи версус магаре и куче, 11.7.2015, Животни
  2. Татко на денот, шупак на векот,3.2015, Забава
  1. За дрогите: превенција а не прохибиција, 7.2015, Набрзинка
  2. Махер и малер на колото, 21.1.2015, рубрика Кец у два

 

Малер значи „лоша среќа, несреќа, неприлика, непријатен случај“, махер, пак, „снаодлив човек, мајстор, специјалист, но може и во негативно значење“. Според тоа, овие две лексеми не се вистински спротивни збора, антонимно се употребени само во овој конкретен контекст.

  1. Харвард забрани љубов меѓу професори и студенти, 2.2015, Набрзинка
  2. Вера Јоциќ, некогаш и денес,7.2015, Македонштина
  3. За партизаните сме, не сме нацисти, 7.2015, Фудбал
  4. Ајнштајн и Пикасо: спрегата помеѓу уметноста и науката,11.2015, Статија
  5. Две жолти и црвен за еден фаул, 9.2015, Фдубал
  6. Пасивен активизам, 6.2015, Набрзинка

Како издвоен случај може да се анализира и следниот пример, во кој во антонимен однос се поставени два синонима (сила – моќ).

  1. Знаењето е сила, илустрацијата е моќ, 3.2015, Македонштина

Во овој пример нема лексеми што би се поставиле во антонимен однос, но двете дел-реченици, сепак, се доживуваат како спротивставување.

Во насловите на Офф.нет се забележаа и антонимни парови од членови во роднинска врска. Следниот пример содржи ваков тип на квазиоантоними:

  1. Татко и мајка на годината, Офф.нет.мк, 26.2.2015, рубрика Набрзинка

 

Антонимизацијата во насловите на Офф.нет.мк на фраземско рамниште[10]

Антонимна релација може да се добие и со спротивставување на два фразеолошки израза (фразеологизми, фраземи). Како што е познато, фразеолошките изрази се зборовни споеви што се употребуваат во јазикот како целосни или како готови јазични елементи со единствено значење. Тие се често јазично средство во новинарскиот потстил бидејќи во куса форма (што е општа карактеристика на овој потстил) може да се искаже став и истовремено силно да се влијае на примачите. Тие се и израз на креативноста на авторот. И оваа анализа на антонимите во новинарскиот потстил ќе покаже дека фразеолошките изрази (клучни се тука, се разбира, оние со врска на спротивставеност) се специфично и често јазичноизразно средство.

Во лексикологијата се споменуваат различни видови фразеолошки изрази. Овде акцентот е ставен на старите и на новите фразеолошки изрази, но во насловите употребени во модифицирана форма[11]. Во анализираните наслови од веб-порталот Офф.нет.мк се забележува тенденцијата за модификација на спротивставените фразеолошки изрази. Неговите автори често го употребуваат ова средство за јазичен израз и успеваат токму со него да го постигнат ефектот на стилска препознатливост.

 

Старите фразеолошки изрази се фразеолошки изрази што им се познати на говорителите на македонскиот јазик, како следниов пример:

  1. Лева рака десен џеб на прес-конференција, 5.2015, Кошарка

Меѓутоа, во насловите на новинарскиот потстил, често се употребуваат изменети. Во продолжение се некои од нив, а во заграда се ставени старите фразеолошки изрази од кои (најверојатно) се мотивирани:

  1. Чест секому, бод никому во Берлин, 4.2015, Берлин (Чест секому, вересија никому)
  2. Удолу длабоко, угоре ФБИ, 6.2015, Свет (Угоре високо, удолу длабоко)
  3. Угоре убаво, удолу ужасно, 12.2015, Македонштина (Угоре високо, удолу длабоко)
  4. Слобода или лајк, 1.2015, Разно (Слобода или смрт)
  5. Европа или смрт, 1.2015, Свет (Слобода или смрт)
  6. Мал чекор за Фејсбук, голем чекор за Фејсбук човештвото, 1.2015, Интернет (Мал чекор за човекот, голем за човештвото)
  7. Маж рекол, маж одрекол, 3.2015, Разно (се наоѓа уште и како Пес рекол, пес одрекол[12])

Од примерите се забележува дека стилскиот ефект најчесто се постигнува со замена на една компонента со друга, но и со додавање на компонента (како Фејсбук човештвото во примерот со бројот 23: Мал чекор за Фејсбук, голем чекор за Фејсбук човештвото).

Понекогаш, модифицираноста на спротивставеноста може да се разбере само ако се прочита новинарскиот напис. На пример, во насловот:

  1. Ќелави сме, не сме зло,7.2015, Разно

 

Овде, насловот се однесува на реакција на еден маж (ќелав) против трендот негативните ликови во филмовите да бидат ќелави (Лекс Лутор во Супермен, Бејн во Бетмен, Волдермор во Хари Потер, Дарт Мол во Војна на ѕвездите).

Модификацијата може да биде и од некоја парола што се извикува. Во следниов пример една таква парола се користи и за претставување на некаков парадокс или иронија. Пример за ваква постапка е следниот наслов:

  1. Европа е капут. Да живее Европа., 11.2015, рубрика Разно (Царот е мртов! Да живее царот!)

             

              Во антонимна врска се поставени две посебни реченици (најчесто извични, иако, овде, авторот одлучил да не употреби извичници).

Во новинарскиот потстил се среќаваат и нови фразеолошки изрази, кои можат да  произлезат од: актуелни рекламни слогови, наслови на книги, имиња на проекти, наслови на филмови. Специфично за нив е тоа што, најчесто, се користат модифицирани. Во продолжение се дадени примери со вакви изрази, модифицирани и антонимни.

  1. Сурфај локално, пафтај[13] глобално, 6.2015, Храна (Мисли глобално, дејствувај локално – познат рекламен слоган)
  2. Плажата мина, тркалото никогаш, 7.2015, Набрзинка (Година пролази, дан никад, роман на Жарко Лаушевиќ)
  3. Купи куќа, купи село, 8.2015, Разно (Купи куќа, купи стан, име на проектот на Владата на РМ за субвенциониран станбен кредит)
  4. Врати широко подзатворени, 11.2015, Свет (Очи широко затворени, познат филм на режисерот Стенли Кјубрик)
  5. Знаењето е сила, илустрацијата е моќ, 3.2015, Македонштина (Знаењето е сила, знаењето е моќ, име на проект на Владата на РМ за зголемување на свеста кај јавноста за важноста од образование)

Присутна појава во одредени антонимни изрази е елипсата, т.е. елиптичните антонимиски изрази и фразеологизираните елиптични антонимиски изрази, за кои пишува и Цветковски (1987). На пример:

  1. Битката на Ал Џезеира: Да се биде или не Шарли,1.2015, рубрика Медуми (... да не се биде)
  2. Рака или не е рака,10.2015, рубрика Фудбал (рака е ...)

Од сите примери со елипса се забележа дека најподложен на елипса во реченицата е прирокот.

 

Заклучоци од истражувањетo

Репрезентативните примери ексцерпирани од веб-порталот Офф.нет.мк во периодот на 2015 г. покажаа дека контекстуалните антоними се често средство во јазичниот израз на насловите на новинарските текстови на порталот Офф.нет.мк и авторите успеваат токму со него да го постигнат ефектот на стилска препознатливост, да изразат креативност и интенцијалност. Фразеолошките изрази се уште едно средство за стилска препознатливост. Ова посебно се постигнува со модификација на старите и на новите фразеолошки изрази. Може да се констатира дека насловите во кои постои антонимна врска се меѓу повпечатливите, особено тогаш кога атонимната врска е во рамките на фразеолошки изрази, посебно кога фразеолошките изрази уште се и модифицирани. Модификацијата на фразеолошките изрази често се користи во Офф.нет.мк.

Од граматички аспект, се забележува дека, на морфолошко рамниште, во рамките на насловите на новинарските текстови на овој портал, во антонимен однос влегуваат различни членови од насловите: именка со именка (Слобода или лајк, Офф.нет.мк, 15.1.2015, рубрика Разно);  придавка со придавка (Едноставниот свет на комплицираниот маркетинг, Офф.нет.мк, 22.4.2015, рубрика Маркетинг); глагол со глагол: (Тој воскреснува, ние не мрдаме, Офф.нет.мк, 13.4.2015, рубрика Македонштина); предлог со предлог (Американците на брза храна и Американците без брза храна, Офф.нет.мк, 29.4.2015, Здравје) и прилог со прилог (Сурфај локално, пафтај глобално, Офф.нет.мк, 4.6.2015, рубрика Храна).

 Најбројни се примерите во кои во антонимен однос влегуваат две именки (најчесто се сопоставуваат општи именки, а сопствените именки многу поретко), чести се примерите во кои се сопоставуваат придавки и глаголи, а поретко во насловите се среќаваат примери со антонимен пар од прилози и придавки.

На синтаксичко рамниште, спротивставеноста во дел од насловите се изразува во рамките на именската група (или меѓу именските групи), во други наслови спротивставеноста се изразува во реченицата (и тоа, во реченица со еден прирок или во рамките на сложените реченици меѓу дел-речениците). Зборувајќи за состојбата со антонимијата на синтаксичко рамниште, треба да се спомнат насловите со елипса, односно испуштањето на делови од реченицата, и тоа најчесто прирокот (в. претходно во текстот).

 

ИЗВОР НА ЕКСЦЕРПИРАНИ ПРИМЕРИ

Веб-порталот Офф.нет.мк, текстови објавувани во периодот од јануари 2015до декември 2015 (пронајдени се 114 наслови со антонимна врска).

 

КОРИСТЕНИ РЕЧНИЦИ

  1. Конески, К. et. al. 2003, 2005, 2008, 2011, 2016. Толковен речник на македонскиот јазик том I-VI. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“
  2. Велковска, С. et. al. 1992, 1997, 2000, 2001. Интенцијално-синтаксички речник на македонските глаголи том I-VI (А-Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“
  3. Конески, К. 1999. Правописен речник на македонскиот литературен јазик. Скопје: Просветно дело
  4. Димитровски, Т. Ширилов, Т. 2006. Фразеолошки речник на македонски јазик том 1, 2, 3 (А-Ш). Скопје: Огледало
  5. Велковска, С. 2008. Македонска фразеологија со мал фразеолошки речник. Скопје: авторско издание
  6. Тасевска, Р. 2011. Речник на антонимите во македонската лексикографија со руски еквиваленти. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“
  7. Manser, M. H. 1998. Dictionary of Synonyms and Antonyms (1st ed.). Wordsworth Classics

                                                                                                     

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

(кирилични)

  1. Андријевска Н. 2011. „Антонимијата и образувањата со не- во македонските црковнословенски ракописи“. Македонски јазик LXII: 65. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“.
  2. Бандиловска-Ралповска, Е. 2010. „Еднокоренската антонимија со префиксот не-кај описните придавки во македонскиот јазик“. Македонски јазик, LXI: 73-84. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“.
  3. Бандиловска-Ралповска, Е. 2012. „Антонимијата во семантичкиот систем на боите“. Јазикот наш денешен, 21: 165-175. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“.
  4. Велјановска, К. 2002. „Медиумите и фразеологијата“. Македонски социолингвистички и филолошки теми: 51-54. Скопје: СМЈРМ.
  5. Велковска, С. 2002. „Антонимијата кај глаголот“. Зборник од реферати од Научна конференција, XXVIII: 145-150. Скопје: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.
  6. Велковска, С. 2008. „Антонимијата во народната поезија“. Литературен збор, LV, 4-6: 9-23. Скопје: Сојуз на друштвата за македонски јазик и литература на РМ.
  7. Велковска, С. 2011. Студии од македонската лексикологија и лексикографија. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“.
  8. Велковска, С. 2015. „Фразеолошките изрази и нивните модификации во насловите во дневните весници на македонски јазик“. Македонски јазик,  LXVI: 27-39. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“.
  9. Драгићевић, Р. 2007. Лексикологија српског језика. Београд: Завод за уџбенике.
  10. Ѓуркова, А. 2009. „Креативноста и насловот“. Stylistyka, XVIII: 273-286. Opole: Polish Academy of Sciences, Opole University.
  11. Ѓуркова, А. 2009. „Збор-два за новинарскиот потстил денес“. Годишен зборник на Филолошкиот факултет посветен на проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова: 149-161. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“.
  12. Петровић, В. 1989. Новинска фразеологија. Нови Сад: Књижевна заједница Новог Сада
  13. Марш-Стефановска, П. 1991. „Улогата на префиксите кај глаголските и придавските антоними во современиот македонски јазик“, Научна дискусија XVIII: 137-138. Скопје: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.
  14. Ниами, Е. 2012. „Граници на антонимијата“, Научна дискусија, XXXVIII,  233-234. Скопје: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.
  15. Никодиновски, З. 2012. „Антонимијата во јазикот и во говорот“.  Научна дискусија, XXXVIII: 177-193. Скопје: Меѓународeн семинар за македонски јазик, литература и култура.
  16. Минова-Ѓуркова Л. 2003. Стилистика на современиот македонски јазик. Скопје: Магор.
  17. Тантуровска, Л. 2012. „Антонимијата во јазикот“. Научна дискусија, XXXVIII: 151-331. Скопје: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.
  18. Тантуровска, Л. 2009. „Затскриеноста на фразеолошките изрази“. Зборник во чест на проф. Кирил Конески по повод 80 години од раѓањето: 155-161. Скопје: Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
  19. Цветковски, Ж. 1987. „Елипсата кај некои антонимни глаголски изрази“. Годишен зборник, 13: 155-160. Скопје: Филолошкиот факултет „Блаже Конески.

(латинична)

  1. Bučar, M. 2007. „Šarić, Liljana, Antonimija u hrvatskome jeziku: semantički, tvorbeni i sintaktički opis“. Jezikoslovlje 1: 77-113. Zagreb: Hrvatska sveučilišna naklada (www.hrcak.srce.hr).
  1. Cruse D.A.. 1986. Lexical Semitics. Cambridge Textbook in Linguistics, Cambridge University Press, 197-262.
  2. Crystal, D. 2003. A dictionary of linguistics and phonetics (5th ed.). Malden, MA: Blackwell Publishing
  1. Grickat, I. 1961-1962. „O antonimiji“. Zbornik Matice srpske za filologiju i lingvistiku, IV-V: 87-90. Novi Sad.
  2. Jones, S. 2002. Antonymy: A Corpus-based perspective. London and New York: Routledge
  3. Kristal, D. 1988. Enciklopedijski rečnik moderne lingvistike. Beograd: Nolit
  4. Šipka D. 1998. Osnovi leksikologije i srodnih disciplina. Novi Sad: Matica srpska.

                                         

Summary

           This article shows the results of the study of antonyms, based on the hypothesis that journalists use antonyms in the titles of their articles very often to express creativity and intention, two very important characteristics of the journalistic substyle of the publicistic style.

           Examples (titles) in this study were excerpted from the popular Macedonian web-site www.off.net.mk, published in the period January to December 2015. Titles are very powerful tool of this web-portal, recognized by their creativity and uniqueness. A representative number of all excerpted titles containing antonyms was analyzed. However, the focus of the study was the contextual antonymisation and the antonymy in phrasal expressions, which are commonly used in the titles of journalistic articles in Macedonian language.

           Some of the conclusions refer to the grammatical aspect (the antonymisation from the point of view of morphology and of syntax). The complexity of the antonymy when defined more broadly was taken in consideration during the research.

           This study proved that journalists like to use the contextual antonymisation and the antonymy in phrasal expressions in the titles of their articles, more or less successfully. In most of the cases, however, this is a good way to make the reader interested to continue to read the whole article.

 

[1]Оваа забелешка е од набљудувањето на развојот на говорот на мојата ќерка, во фазата на усвојување на нејзиниот роден јазик (македонскиот) на возраст од 2 до 3 години. Таа често во овој период употребуваше примери како овие: мама гоема – Неда мауа (мама е голема – Неда е мала); тато мозе пави тоа, тато гоуемНеда мауа (тато може да го направи тоа бидејќи е голем, Неда е мала, затоа не може); убав – неубав (никогаш грд); горе – не горе (паралелно со долу); голем – не голем и др.

[2]Превод од српски Б.Н.

[3]Во рамките на публицистичкиот се изделува новинарскиот потстил, а се изразува во две форми – пишувана и говорена. Функцијата на новинарскиот потстил е со информација пренесена писмено или усно, да дејствува на читателите, слушателите или гледачите и да ги придобива (Минова-Ѓуркова 2006, 21).

[4]Во македонскиот јазик, во контекст на проучувањето на насловите на новинарските текстови, се споменуваат имињата на: Александра Ѓуркова, Татјана Гочкова-Стојановска, Томислав Треневски, Снежана Велковска, Гизела Хавранек, Александра Саржоска, Елизабета Бабамова, Елена Јованова-Грујовска, Лидија Тантуровска и др.

[5]превод Б.Н.

[6]Се среќаваат уште и како конвенционални, јазични, стандарднојазични антоними (Лилјана Гушевска) или општојазични антоними (кај Томанова). Елизабета Ралповска антонимијата независна од контекстот ја нарекува лексичка антонимија.

[7]Се среќаваат уште и со називите контекстуална антонимизација или дискурзивни антоними (Никодиновски); авторски или контекстуални (Лилјана Гушевска); индивидуални или контекстуални (Томанова), а кај Велковска, покрај контекстуални, авторски, антоними неологизми, уште и оказионални антоними.

[8]Уште повообичаено би било партизани – Германци

[9]За антонимијата кај боите в. кај Бандиловска-Ралповска 2012, 165-173.

[10]За фразеолошките и нефразеолошките изрази и за фразеолошките изрази во новинарските текстови и во насловите на новинарските текстови може да се види повеќе кај: Снежана Велковска: Македонска фразеологија со мал фразеолошки речник, Скопје 2008, Студии од македонската лексикологија и лексикографија, Скопје 2011, Белешки за македонската фразеологија, Јазикот наш денешен кн. 8, ИМЈ, Скопје 2002, Фразеолошките изрази и нивните модификации во насловите во дневните весници на македонски јазик, МЈ LXVI/2015, Скопје 2015; Томислав Треневски: Јазикот на печатот во Р Македонија (1989-1999), докторска дисертација, Филолошки факултет, Скопје 2000, Насловите на редакциските / уредничките коментари во весникот Дневник, Литературен Збор 47/1-2; Катерина Велјановска: Фразеолошките изрази во македонскиот јазик, Македонска ризница, Куманово 2006 и во Медиумите и фразеологијата, Македонски социолингвистички и филолошки теми, Зборник на СМЈРМ, Скопје 2002; Лилјана Макаријоска и Бисера Павлеска-Георгиевска: Небото и небесните тела како компоненти во фразеолошките изрази (во јазикот на медиумите), МЈ LXVI/2015, Скопје 2015; Валентина Нестор (НК XXXVIII, Скопје 2012), Владислава Петровић: Новинска фразеологија, Књижевна заједница Новог Сада, 1989 и др.

[11]Меѓу другите автори и Снежана Велковска се задржува на овие видови фразеолошки изрази (ФИ) во насловите на новинарскиот потстил (Велковска 2015, 27-39). Таа нагласува дека, кога се работи за ФИ што се употребуваат во насловите, има, главно, три ситуации: 1. Употреба на стари ФИ, 2. Употреба на модифицирани ФИ и 3. Појава на нови ФИ. За модифицираните констатира дека нивната употреба особено е забележана во новинарскиот потстил и дека модификацијата се постигнува со: 1. Замената на еден компонент со друг,  2. Испуштање елементи од ФИ, 3. Додавање нови определби кон ФИ, 4. Морфолошки модификации, 5. Контаминации и 6. Игра на зборови. Покрај насловите со модификација на веќе постојните ФИ, познати на говорителите на македонскиот јазик, таа забележува дека во новинарскиот потстил во модифицирана форма се појавуваат и новите ФИ (од наслови на филмови, песни, рекламни слогани, разни термини од професионални области, изјави на популарни личности, нови појави, градби, временски неприлики).

[12] Со значење „пу-пу не важи“ или „прави што сака“, „не си стои на зборот“ (во текст на веб-порталот Македонска нација од 28.10.2015). Со истото значење овој фразеологизам во оваа форма е забележан и во неформална комуникација на интернет-форуми.

[13] Треба павтај