Лекторирањето значи стручно читање и исправање на грешките на јазикот во практиката. Лекторот е овластено лице за вршење вакви активности. За да има право да лекторира, лекторот за македонски јазик мора да има лиценца. 

„Беседи“ ги нуди следните лекторски услуги за македонски јазик:

  • Основна лектура – коригирање на правописот и на нестандардната лексика во согласност со стандардниот јазик.
  • Лектура со јазична редакција – покрај основната лектура, лекторот изнаоѓа терминолошки решенија, јазични решенија за нестандардна лексика (колоквијализми, дијалектизми, жаргонизми и сл.) и обезбедува проодност на текстот. 
  • Лектура со јазична редакција и со стилизација – покрај основната лектура и јазичната редакција, подразбира усогласување на различните стилски тоналитети во согласност со претпочитаниот стилски израз (на пример, синхрониски раслојувања и преплетувања, дијахрониски навраќања за доловување на историски моменти, засведоченост и незасведоченост на дејството и други стилистички интервенции што обезбедуваат доследност на јазичниот израз претпочитан од авторот односно од преведувачот).

 Лекторирањето и јазичното редактирање се вршат на:

  • оригинални ракописи, преводи (белетристика, учебници, семинарски, дипломски, магистерски и докторски трудови),
  • сите видови на публикации (сите видови на научни трудови, статии за весници, магазини, списанија, како и нивните електронски изданија),
  • содржини за веб-страни, презентации, портали и блогови,
  • бизнис-планови, деловна преписка, договори, решенија, записници, извештаи, деловни биогрaфии и друга документација,
  • наменски текстови како што се рекламните материјали, огласи, формулари и други административни текстови, аудио-визуелни содржини и сл.
  • наменски текстови со голема видливост (плакати, билборди, брошури, комерцијално-пропагандни пораки итн.) и др.         

Услови за добар стил се, пред сè, почитувањето на јазичните норми, правописот, лексикологијата, синтаксата и богатото читачко искуство. Само на овој начин текстот може да биде убав, јасен и точен, а пораката недвосмислено и впечатливо пренесена.

Комплетната работа на лекторот врз еден текст подразбира:

  • проверка на текстот и корекција на техничките грешки настанати при пишувањето,
  • корекција на сите правописни и граматички грешки,
  • стилски интервенции, кои подразбираат неопходни измени во структурата на реченицата, како и во структурата на текстот, со цел текстот да се обликува во духот на јазикот на кој е напишан текстот.

*Сите измени се вршат во согласност со авторот на текстот.

Основна литература што се користи при лекторирањето на текстовите:

  • Правопис на македонскиот јазик, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ - Скопје, 2017
  • Толковен речник на македонскиот јазик, I-VI, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ - Скопје (група автори), 2003-2015
  • Секоја друга релевантна јазична литература во зависност од потребите што ќе произлезат од работата.

✔ Се вреднуваат стручноста, времето и креативниот процес изразени во мерлива вредност „преведувачка/лекторска страница“, која одговара на 1800 јазични знаци со празни простори.

*Секоја лекторска работа е специфична и не може да има една стандардна цена. Затоа лекторот цената ја одредува посебно за секоја лекторска работа врз основа на потребите, барањата и карактеристиките на таа работа.

 

Секој труд е посебна приказна.

Побарај понуда што ќе одговара на твоите барања.