Во оваа статија се анализираат начините на коишто се предадени/преведени имињата на ликовите (личните имиња) во книгите: Приказната за мачето Том, Приказната за двете лоши глувчиња, Приказната за зајачето Питер и Приказната за Бенџамин Зајчевски на авторката Биатрикс Потер, во превод од англиски на Катерина Трајановска и во издание на Либи, дел од Арс Ламина – публикации.
Трудот е презентиран на Меѓународна научна конференција (Скопје, 13−14 ноември 2019 г.), ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (во печат).
Автор: Билјана Никовска
Апстракт: Во оваа статија се анализираат начините на коишто се предадени/преведени имињата на ликовите (личните имиња) во книгите: Приказната за мачето Том, Приказната за двете лоши глувчиња, Приказната за зајачето Питер и Приказната за Бенџамин Зајчевски на авторката Биатрикс Потер, во превод од англиски на Катерина Трајановска и во издание на Либи, дел од Арс Ламина – публикации. Исто така, се анализира соодветноста на избраните преведувачки стратегии, доследноста во нивното користење и се сугериираат поинакви решенија.
Клучни зборови: лични имиња, Биатрикс Потер, литература за деца, социокултурни аспекти, преведувачки стратегии.
Вовед
Се зголемува интересот за преведување книги за деца на македонски јазик (покрај интересот за оригинални дела). Таа тенденција поттикнува различни истражувања поврзани со преведувањето на книгите за деца на македонски.
Овде се анализираат стратегиите на преведување на имињата на ликовите (од англиски на македонски) во неколку дела на британската авторка Биатрикс Потер – Приказната за мачето Том, Приказната за двете лоши глувчиња, Приказната за зајачето Питер и Приказната за Бенџамин Зајчевски.
Преводот од англиски е на Катерина Трајановска, а лектурата е на Дејан Василевски, во издание на Либи, дел од Арс Ламина – публикации. Освен што се анализираат начините на кои се предадени/преведени имињата на ликовите, се даваат и предлози за можни (поуспешни) решенија. Анализата, овојпат, само навестува можности за посеопфатни и посестрани анализи.
При првото читање на посочениот македонски превод на овие неколку книги на познатата Биатрикс, читателот може да се соочи со неколку дилеми (поради очигледноста на една општа недоследност):
- Зошто Flopsy е Флопси и Mopsy е Мопси, а Cotton-tail е Пуфче?
- Зошто Peter Rabbit е зајачето Питер, а не е Петар (Петре) Зајакот?
- Зошто Зајчевски и Баропатковски се: Бенџамин, Ребека и Џемима, а Трепетковска е Убавка?
Има и уште неколку други случаи, коишто остро ја боцкаат љубопитноста, но нив ќе ги спомнеме понатаму.
Што е дозволено, а што не би требало да се дозволи?
Името на ликот во приказната за деца може да се транскрибира од оригиналот (како: Ребека и Бенџамин). Може, исто така, да се најде соодветен еквивалент на оригиналното име во целниот јазик (па, наместо Питер да биде Петар). Може и да се преведе значењето на името (и Mittens ќе биде Ракавичка, a Cotton-tail ќе биде Пуфче или Памукче или Мекоопафче...).
И во преводот, којшто е предмет на нашата анализа, се забележуваат различни пристапи (стратегии) за пренесување на оригиналната порака на читателите од друга јазична и културна средина. Се забележува, исто така, дека преведувачот освен значењето, се обидувал да ги пренесе и естетските вредности и да ги реши културните разлики меѓу читателот, на којшто мајчин јазик му е македонскиот, и читателот, на којшто мајчиниот јазик му е британски англиски, како што е во оригиналниот текст.
Притоа, фокусот на анализата е на тоа колку доследно преведувачот ги користи преведувачките стратегии што ги избрал и особено на тоа дали е оправдано отстапувањето од доследноста во нивното користење. Поради несогласувањето со одредени одлуки што ги направил преведувачот, се нудат други решенија.
Заклучоците за тоа како е постапено и за новите можни решенија се извлекуваат преку следните прашања: Зошто нешто е добро? Како може она што е добро да биде различно, а повторно да биде добро? Зошто нешто не е добро? Како нешто да биде подобро? Ќе се обидеме да одговориме на овие прашање анализирајќи ја ситуацијата одделно во секоја од преведените книги.
Приказната за зајачето Питер (The Tale of Peter Rabbit)
Имињата на ликовите во Приказната за зајачето Питер се предадени на следниот начин:
1. Транскрипција: Flopsy е Флопси; Mopsy е Мопси.
2. Превод на значењето на оригиналното име: Cotton-tail е Пуфче.
3. Општа наместо сопствена именка во дел од името: little Benjamin Bunny – малото (некаде „малечкото“) зајаче Бенџамин; Peter Rabbit – зајачето Питер (н.з. или со голема буква – Зајачето).
Во оригиналот, Bunny (со значење „зајаче“) е со голема буква и е дел од целото име на ликот (веројатно во функција на презиме), но во преводот на македонски „зајаче“ е со мала буква, како општа именка пред името „Бенџамин“. (И во оригиналот и во преводот little е со мала буква, што укажува на тоа дека не е дел од името на овој лик.) Прашањата што се наметнуваат, по ова, се:
1. Зошто Flopsy е Флопси и Mopsy е Мопси, а Cotton-tail е Пуфче?
2. Зошто Peter Rabbit е зајачето Питер, а не Петар Зајакот?
Во однос на второто прашање, избраната стратегија не е воопшто погрешна, но ќе видиме во другите приказни дека за исти случаи, се користени други методи (на пример, готвачката Jane станува Јана во македонскиот превод).
Како забелешка, којашто не се однесува директно на преводот на личното име, но е интересна од аспект на анализа на одлуката на преведувачот (зошто одлучил да користи различна определба за ликот?), е случајот old Mrs. Rabbit, која наместо стара(та), во македонскиот превод станува добра(та) (госпоѓа Зајка). Вакви замени на атрибути гледаме и во преводот на другите приказни. И оттука, исто така, може да произлезе нова анализа: Зошто „добра“ наместо „стара“? Дали определбата „стар“ во нашата култура има негативна конотација?! Дали се работи за небрежност при преводот?
Приказната за двете лоши глувчиња (The Tale of Two Bad Mice)
Имињата на ликовите во Приказната за двете лоши глувчиња се предадени на следниот начин:
1. Замена со друго странско име: Lucinda станува Лусија
2. Замена со локално име („одомаќинување“): Jane (the Cook) – Јана (готвачката)
3. Комбинација од транскрипција на еден дел од името со превод на значењето на друг дел од оригиналното име (со изменета морфолошка форма, т.е. деминутивна членувана именка): om Thumb е Том Палчето
4. Транскрипција: Hunca Munca е Хунка Мункa
5. Превод на значењето на оригиналното име: cheese-monger станува Кашкавалџијата
Прашањата што се наметнуваат, по ова, се:
- Дали е оправдана „локализацијата“ во примерот со Jane/Јана кога во друга приказна Peter е Питер (извршена е само транскрипција), а не е Петар или Петре (имиња коишто се локални за целниот читател)?
- Дали е добро решението Лусија за Lucinda? Со што би се оправдала оваа замена наместо да се изврши само транскрипција (кога и Лусија е странско име и не е многу често на овие простори, а Лусинда не е ништо помалку познато од Лусија)?
Приказната за Бенџамин Зајчевски (The Tale of Benjamin Bunny)
Имињата на ликовите во Приказната за Бенџамин Зајчевски се преведени на следниот начин:
1. Комбинација од транскрипција на дел од името (Benjamin – Бенџамин) со преведување на значењето (Bunny – зајаче) и „одомаќинување“ на презимето (во форма карактеристична за македонските машки презимиња – Зајчевски): Mr. Benjamin Bunny станува господин Бенџамин Зајчевски
2. Општа наместо сопствена именка во дел од името: little Benjamin Bunny – малото зајаче Бенџамин
Се следи истата тенденција како во Приказната за зајачето Питер – сопствена именка од оригиналното име да се преведе со општа именка (Bunny – зајаче, his Aunt – во македонската верзија со мала буква „тетка“).
Овде се забележува недоследност во преводот на определбата „old“ (старата) во однос на истиот случај во Приказната за зајачето Питер (добрата).
пр.: old Mrs. Rabbit – старата госпоѓа Зајка
Прашање што се наметнува, по читањето на овој превод, е: Дали е оправдан различниот пристап во преведувањето на случаите Mr. Benjamin Bunny, кој станува господин Бенџамин Зајчевски, и little Benjamin Bunny, кое станува малото зајаче Бенџамин (по аналогија на првото, зошто не е Бенџамин Зајчевски – Јуниор, т.е. Помладиот, или, по аналогија на второто, зошто не зајакот г. Бенџамин)?
Приказната за мачето Том (The Tale of Tom Kitten)
Имињата на ликовите во Приказната за мачето Том (в. заб. 2) се пренесени на следниот начин:
1. Превод на значењето на оригиналното име: Mittens е Ракавичка, Moppet е Метличка
2. Комбинација од транскрипција на дел од името (Tom – Том) и превод на значењето на другиот дел од името (Kitten – Мачето): Tom Kitten – Мачето Том (Томас)
Притоа, преведувачката одлучува да ги замени местата на двете сопствени именки од името на ликот (Tom Kitten – Мачето Том), што е, исто така, во голема мера неоправдано бидејќи во оригиналот општата именка претставува сопствена именка (презиме или прекар), а општата именка станува сопствена и во преводот, па, во тој контекст, подобро решение би било: Том Мачето (како: Пипин Кусиот, Кице Докторот, ... Резило, ... Кревкото и други).
3. Превод на значењата на сите делови од името со адаптација на македонските презимиња со додавање на завршеток карактеристичен за македонските презимиња: Mrs. Tabitha Twitch е г-ѓа Убавка Трепетковска; Mr. Drake Puddle-duck е Господин Патор Баропатковски.
Етимологијата на името Tabitha го оправдува преводот Убавка, а добра е и намерата да се адаптира презимето (или прекарот), така што ќе се преведе значењето на оригиналот (од ang. to twitch) и ќе му се додаде завршетокот карактеристичен за македонските женски презимиња – Трепетковска. Би можело, можеби, да се размисли за посоодветен збор со значење поблиско до значењето на оригиналот (twitch) бидејќи македонскиот збор „трепет“ не е сосема адекватен за англискиот „twitch“.
Сѐ на сѐ, можеме да кажеме дека е направена една успешна адаптација на ова име на македонски. Уште поуспешно, истата преведувачка стратегија е применета на името Mr. Drake Puddle-duck (Господин Патор Баропатковски).
Останува дилемата зошто ист обид за ваква адаптација не е направен со имињата Rebeccah и Jemima (Puddle-duck), кога ситуацијата е многу слична. Наместо исти преведувачки стратегии, за овој вид имиња, е одлучено да се направи само транскрипција на личното име на ликовите, односно:
4. Транскрипција на едниот дел од името и превод на значењето на другиот дел од името со завршеток карактеристичен за македонските женски презимиња: Rebeccah и Jemima Puddle-duck стануваат Ребека и Џемима Баропатковска.
5. Задржување само на еден дел од сопственото име: Sally Henny Penny во македонскиот превод е кокошката Пени („кокошката“ со мала буква, како општа именка иако во оригиналот е дел од сопственото име).
И уште еден пример, кој е уште еден доказ за небрежноста и (или) недоследноста, коишто се чувствуваат низ преводите на сите четири книги (и покрај одличните решенија за одредени имиња), се случаите како овој во којшто општата именка од оригиналот станува сопствена во македонскиот превод – Puddle ducks стануваат Барските Патчиња – во англиските верзии (во некои изданија) „ducks“ е со мала буква, додека во македонскиот превод на анализираните изданија „патчиња“ се со голема почетна буква, што го прави зборот дел од сопственото име. Оваа забелешка треба да се земе со резерва бидејќи е невозможно да се проверат сите изданија на англиската верзија, а не знаеме ниту од кое англиско издание преведувала преведувачката.
Прашањето што се наметнува, по читањето на овој превод, е:
1. Дали е оправдана недоследноста во користењето на постапката на „одомаќинување“ во случајот со Трепетковска и со Баропатковски (претходно и Јана готвачката за Jane), од една страна, и „неодомаќинување“ т.е. користење на постапката транскрипција во случајот со Питер (а не Петар) за Peter, од друга страна? Иста недоследност се следи и во пренесување на имињата Tabitha Twitch, која станува г-ѓа Убавка Трепетковска, но Rebeccah и Jemima Puddle-duck стануваат „двете патки Ребека и Џемима Баропатковска“.
Заклучок
По кусата анализа на преведувачките стратегии користени при преводот на делата на британската авторка Биатрикс Потер – Приказната за мачето Том, Приказната за двете лоши глувчиња, Приказната за зајaчето Питер и Приказната за Бенџамин Зајчевски на македонски јазик, може да се заклучи дека е направен обид да се пренесат естетските вредности и да се решат културните разлики меѓу читателот, на којшто мајчин јазик му е македонскиот, и читателот, на којшто мајчиниот јазик му е британскиот англиски, како што е оригиналниот текст. Преводот ни дава и неколку навистина успешни решенија на адаптација: Пуфче за Cotton-tail, Ракавичка за Mittens, Метличка за Moppet; „локализирањето“ на презимињата со додавање на карактеристичните суфикси за македонските женски и машки презимиња – Баропатковски, Трепетковска, Зајчевски; Том Палчето за Tom Thumb, Кашкавалџијата за cheese-monger, целосната адаптација на Mrs. Tabitha Twitch во г-ѓа Убавка Трепетковска и на Mr. Drake Puddle-duck во Господин Патор Баропатковски.
Но, и покрај овие убави решенија, додека се чита, преводот остава една горчина, којшто го расипува блажникавиот вкус и тоа не поради лоши изолирани решенија, колку поради недоследноста во контексти што бараат доследност, поради тоа дека во повеќето случаи не наоѓаме ништо што би ја оправдало оваа недоследност.
Така и се наметнуваат оние прашања што ги поставивме на самиот почеток: Зошто Flopsy е Флопси и Mopsy е Мопси, а Cotton-tail е Пуфче? Зошто Peter Rabbit е зајaчето Питер, а не Петар (Петре) Зајакот? Зошто Зајчевски и Баропатковски се Бенџамин, Ребека и Џемима (презимињата се локализирани, а имињата се само транскрибирани), а во ист контекст, во случајот со Убавка Трепетковска, локализирани се и името и презимето (Tabitha не се пренесува со транскрипција, како Бенџамин, Ребека и Џемима, туку се преведува)?
Преведувачот ја има слободата да ги избере средствата со кои ќе ја задоволи целната читателска средина. Секако! Но, слободата на избор не би требало да внесе хаос, особено не кога таа се манифестира во светот на децата. Зошто тенденција за создавање хаос кога ни самиот детски „хаос“ (она што нам возрасните ни изгледа како неред) не подразбира отсуство на принципите за ред, особено не на принципот за доследност?
Користена литература
Aguilera C. Elvira. 2008. The Translation of Proper Names in Children’s Literature. AVANTI Research Group. University of Granada. E-f@bulations> / E-f@bulações, http://ler.letras.up.pt/uploads/ficheiros/4666.pdf [Пристапено на 19 јули 2019http://www.liternet.bg/publish10/gapostolova/names.htm">http://www.liternet.bg/publish10/gapostolova/names.htm [пристапено во јули 2019].
Baker, M., 1992. In Other Words: A Coursebook on Translation. London: Routledge.
Fernandes, L., 2006. Translation of Names in Children’s Fantasy Literature: Bringing the Young Reader into Play. New Voices in Translation Studies, 2, pp. 44-57.
Fornalczyk, A., 2007. Anthroponym Translation in Children’s Literature – Early 20th and 21st Centuries. Kalbotyra, 57 (3), pp.93-100.
Hatim, Basil & Mason, Ian. 1997. The Translator as Communicator. London & New York
Jaleniauskienė Evelina, Čičelytė Vilma. 2009. The Strategies for Translating Proper Names in Children’s Literature. ISSN 1648-2824. Studies About Languages. No. 15
Janaviciene Inga. 2016. Translation of Culture-Specific Items from English into Lithuanian: The Case of O. Henry’s Short Stories. European Academic Research Vol. IV, Issue 5/August
Munday Jeremy. 2001. Introducing Translation Studies – Theories and Applications. Routledge: London and New York.
Nord Christine. 2003. Proper Names in Translation for Children: Alice in Wonderland as a Case in Point. Meta, 48 (1-2), pp.182-194.
Забелешки:
- Како што може да се забележи, името на авторката го транскрибиравме од Beatrix во Биатрикс, различно од изборот (Беатрикс) што го имаат направено преведувачот и лекторот во македонскиот превод што го анализираме. Во Правописот, стр. 181 Табела 1. Самогласки и дифтонзи во акцентирана позиција на зборот, пишува дека дифтонгот еа се предава со и(Keats – Китс) и со е (Reading – Рединг). Beatrix повеќе одговара на првиот пример (Keats). Наше мислење е дека ea во Beatrix треба да се предаде со иа (или so ие) ако се следи британскиот англиски изговор, односно /ˌbɪətrɪks / (еа се слуша како и во северноамериканскиот изговор, т.е. /ˌbiːtrɪks /). Со оглед на тоа што авторката е Британка, се одлучивме за британскиот изговор и тоа за замена на еа (Beatrix) со иа (Биатрикс). Името на писателката (во рефератов) ќе го употребуваме според нашето согледување.
- Со оглед на тоа што решението „Приказната за зајчето“ е само во насловот, каде што сите букви се големи, не можеме да бидеме сигурни дека е во функција на општа именка, но местоположбата (пред сопствената именка „Питер“) укажува на веројатноста дека „зајачето“ се користи како општа именка, а не како презиме (или прекар). Но, во Приказната за мачето (н.з. или Мачето) Том, во самиот текст, Tom Kitten се пренесува како Мачето Том („мачето“ со голема буква, како дел од сопственото име).
- Cotton-tail е Пуфче од пувка: 1. предено исечено на парчиња и собрано во топче, служи како украс на облека и обувки; туфка 3. Печурка во облик на туфка... (Толковен речник на македонскиот јази, Том IV, Скопје 2008).
- Името Tabitha се спомнува во Дела на апостолите (9: 36), Библија, трето издание, Библиско здружение на Република Македонија, 2009, стр.154. На македонски е Тавита, со значење „газела“ (од арамејски).
- twitch1/twɪtʃ/verb 1 [intransitive, transitivehttps://www.ldoceonline.com/dictionary/sudden">sudden movement verb 2 [transitivehttps://www.ldoceonline.com/dictionary/quick">quick movement of a muscle, especially one that you cannot control noun 2 a sudden quick movement (Longman Dictionary of Contemporary English, https://www.ldoceonline.com/dictionary/twitch)