Истражувачката работа е комплексен процес, систематско барање да се опише, објасни, предвиди и контролира одредена појава. Се состои од повеќе фази и од различна методологија за постигнување на специфичните цели.
Истражувачката работа е комплексен процес, систематско барање да се опише, објасни, предвиди и контролира одредена појава. Се состои од повеќе фази и од различна методологија за постигнување на специфичните цели.
Истражување се прави за да се разбере што, всушност, сакаме да откриеме, какви процеси треба да следиме за да оствариме одредена идеја, кои се аргументите поврзани со концептот и кои се доказите за да се прифати една идеја или концепт.
Што го одликува?
- Систематски пристап; правила, процедури; етичност.
- Точност и вистинитост.
- Аналитичност, да се искористат сите достапни податоци за да се избегне погрешен заклучок.
- Логичко расудување што вклучува индуктивни и дедуктивни методи.
- Детална анализа на сите собрани податоци.
- Можност за генерирање нови прашања.
Истражувањето може да биде:
- основно,
- применето,
- насочено на проблем,
- квалитативно или
- квантитатвно,
односно:
- да се спроведува заради збогатување, проширување на знаењето (не се користи за креирање или за пронаоѓање на нешто);
- да се фокусира на анализирање и решавање на реални проблеми (помага да се решат практични проблеми со помош на научни методи и влијаат на општото добро на човекот);
- да се фокусира на разбирање на природата на проблемот за да се најдат соодветни решенија;
- да помага суштински да се разбере проблемот (нестатистички метод на истражување е, чија цел е да се соберат што е можно повеќе информации за примерот;
- да се спроведува заради собирање на податоци од голема популација и нивно анализирање за донесување заклучоци (статистички медот на истражување, користи онлајн анкети, прашалници и гласање).
Што е цел на истражувањето?
- Да истражи.
- Да опише.
- Да објасни.
Методите за истражување се:
- Квалитативни - се собираат ненумерички одговори, кои на истражувачот му помагаат да сфати „што“ учесникот/група учесници во истражувањето мисли за нешто, но и „зошто“ тој/тие мисли/ат така. Квалитативни методи се: интервју еден-на-еден, фокус-групи, етнографско истражување (истражување во природни услови), анализа на текст и студија на случај.
- Квантитативни - се собираат нумерички податоци, што може да се претстави со броеви или со мерливи форми за да се објасни, предвиди или контролира феноменот. Квантитативни методи се: анкети (во денешно време, најчесто, онлајн), описно истражување и корелациско истражување.
За да да се избере соодветен метод, неопходно е:
- јасно да се идентификуваат целите на истражувањето.
- Јасно да се испланира истражувањето.
- Да се соберат доволно информации.
- Да се анализираат и да се разберат собраните податоци.
- Да се интерпретираат податоците за да се донесат заклучоци.
Лингвистичкото истражување може да биде квалитативно или квантитативно, во зависност од природата на податоците што се собираат за потврдување на хипотезата. Понекогаш, методите можат да се комбинираат.
Елементи на истражувачкиот проект се:
- Тема - веројатно една од потешките задачи во истражувачкиот процес е да се избере добра тема. Подобро е да биде потесна отколку поширока и треба да се избере тема за која истражувачот е заинтересиран.
- Хипотеза - треба да се постави јасна хипотеза, претпоставка, прашање што може да се тестира.
- Литература - се избира литература поврзана со истражуваната тема, која ќе обезбеди генерален преглед на темата или подетален преглед за одреден аспект од темата. Исто така, користената литература (публикации, примарни извори) може да покаже недостаток на информации поврзани со темата.
- Методологија (собирање податоци) - методологијата за научно истражување се состои од избор на изворот на податоци за истражуваната тема, кој може да е корпус од постоечки/архивирани информации или учесници од кои ќе се обезбедат информации. Собирањето на податоци, без оглед на каков начин се прави (аудио снимање, видео снимање, користење на компјутерски програми за екстрахирање лингвистички податоци од текст, интервјуирање на луѓе, прашалници, анкети или др.), мора да биде добро осмислено, формулирано, да се користи соодветна опрема и да се направи добар избор на испитаници, кои ќе знаат да одговорат на задачата. Собраните податоци мора да се организираат внимателно на начин што ќе ја олесни нивната интерпретација (со ексел или други специјализирани програми).
- Резултати - организирањето и описот на добиените резултати се клучни. Можат да се претстават наративно, табеларно или графички (со дијаграми).
- Анализа - претставува подетална дискусија и интерпретација на пронајдоците; што тие претставуваат во суштна, како ја поддржуваат (или не ја поддржуваат) хипотезата. Треба да се нагласат и недостатоците на студијата, ако авторот е свесен за нив, како и да се дадат предлози за идни продлабочени истражувања.
- Заклучок - се поткрепува/не се поткрепува хипотезата со докази или се наведува дека нема доволно докази. Се даваат насоки како да се подобри натамошното истражување и што е следно што може да се направи за продлабочени истражување на избраната тема.
- Референца - постојат различни начини за цитирање на литература користена во истражувањето. Која и да се избере, важно е доследно да се следи истиот стил.
- Претставување на истражувачкиот процес и на добиените резултати - најчесто се користи PowerPoint презентација, за која, исто така, постојат стандарди како најдобро и најефикасно да ја запознае јавноста.
Аналитичноста, жедта за вистина и за откривање се раѓаат од мали нозе. Можностите се неограничени, а потребата е голема!
Истражувањето е напорна работа, но задоволството што го дава е огромно. Придонесот може да биде само информативен, но и револуционерен!